Битиќи: Ребалансот на Буџетот драстично ги крати инвестициите и ја ослабува економијата

 


Министерството за финансии молчи за апликациите и исплатите по Законот за финансиска поддршка на инвестициите, додека средствата за оваа намена се скратени за 900 милиони денари – од 2,375 на 1,475 милијарди денари. Овој драстичен пад е јасна порака до бизнис секторот дека поддршката или е суспендирана, или станува алатка за селективна распределба, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница за ребаланс на буџетот.

Тој потенцираше дека средствата за Технолошко-индустриските развојни зони се намалени за над 30%, а поддршката за малите и средните претпријатија, кои се двигатели на домашната економија и вработеноста, речиси е преполовена – од 18,5 на 11,5 милиони денари. Ова е контрадикторно на секоја стратегија за одржлив и инклузивен економски раст.

„Дополнително, гледаме несразмерност помеѓу владините најави и реалноста кога станува збор за надворешното финансирање преку меѓународни институции. Стратешкиот договор со Обединетото Кралство беше триумфално најавен како голем финансиски ориентир, но во ребалансот средствата за задолжување од меѓународни развојни агенции се намалуваат – од 6,196 на 5,693 милијарди денари. Ова е економска и политичка неконзистентност – или договорот е декларативен меморандум без финансиска тежина, или Владата нема проекти и капацитет за апсорпција на средствата“, рече Битиќи.

Македонија ја пропушта и историската можност преку Планот за раст на ЕУ, бидејќи нема функционална финансиска структура и јасни приоритети за интеграција, реформи и дигитална трансформација. Реформската поддршка од 43 милиони евра остана неискористена, што е фискално промашување.

На приходната страна, буџетот се потпира на неданочни приходи, особено преку прелевање на вишок средства од Народната банка, што ја компромитира нејзината независност. Владата врши притисок врз институции со сопствени приходи, што го ослабува нивниот оперативен капацитет.

„За краткорочна ликвидност, јавните претпријатија се третираат како извори на кеш, без можност за реинвестирање и развој. Даночните приходи остануваат на иста апсолутна вредност, и покрај инфлацијата, што значи реално ослабување на куповната моќ и економска стагнација. Овој ребаланс ја открива суштината на економската политика – краткорочни популистички мерки, наместо долгорочна стратегија. Северна Македонија заслужува дисциплинирана, транспарентна и одговорна фискална политика што ќе ја врати довербата и ќе ја поддржи економијата“, рече Битиќи.

02.07.2025 - 15:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега