Божиновска: Македонија подготвена за лидерство на Балканот

 


Македонија е подготвена да стане регионален лидер и референтен пример за праведна енергетска транзиција на Западен Балкан, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето видео-обраќање на високопрофилниот глобален настан Boosting Country-Led Energy Transformations, што се одржува во Картагена, Колумбија.

-Нашата цел е јасна и недвосмислена – брза транзиција која ќе биде праведна за секој работник и секоја заедница што денес зависи од јагленската индустрија, порача Божиновска, подвлекувајќи дека земјава е решена да покаже дека климатските амбиции може да се спојат со економски развој и енергетска сигурност.

Таа потсети дека Владата веќе усвоила Инвестициски план за забрзана транзиција од јаглен, изработен во партнерство со ЕБОР, IFC и Светска банка. Планот, додаде, предвидува големи инвестиции во обновливи извори на енергија, модерна електроенергетска мрежа и создавање нови зелени работни места.

-Со поддршката на Climate Investment Funds ја градиме транзицијата на темели што се економски одржливи и социјално праведни. Нашата визија е јасна: енергетска независност, зголемена безбедност и нови можности за инвестиции, потенцира Божиновска.

Во својот говор потсети на претставувањето на Платформата за праведна енергетска транзиција на COP28, која е насочена кон креирање локализирани решенија за над 5.000 луѓе што директно или индиректно зависат од индустријата со јаглен.

Истовремено, делегацијата на Министерството за енергетика активно учествува во дискусиите за новата глобална платформа Clean Energy Learning Laboratory (CELL), која ќе овозможи размена на знаења и пристап до иновативни модели на финансирање за забрзување на чистата енергетска транзиција.

-Македонија има големи амбиции. Успехот на нашата транзиција ќе биде доказ дека и најсмелите климатски цели може да се претворат во реалност, ако постои јасна визија, партнерства и храброст, нагласи Божиновска.

11.09.2025 - 11:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега