ДСЗИ: При инспекциските надзори во врска со смртта на детето од Кавадарци не се констатирани недостатоци

 

При инспекциските надзори не се констатирани недостатоци од надлежност на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во врска со починатото тригодишно дете од Кавадарци, информираа денеска од ДСЗИ за МИА. 

- Имајќи во предвид дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема надлежности во стручниот дел на работата на здравствените работници, ДСЗИ согласно член 296 од Законот за здравствена заштита,  ќе поднесе иницијатива до министерот за здравство, за формирање на комисија за стручен надзор, велат од ДСЗИ. 

Притоа појаснија дека по објавена информација за починато тригодишно дете од Кавадарци, Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера извршил вонредни инспекциски надзори во три здравствени установи, со цел да се следи патот на лекување на детето. Извршени биле надзори во ПЗУ Ординација по општа медицина Целзус Нова во Кавадарци, во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и во ЈЗУ УК за детски болести Скопје.

При вонредните инспекциски надзори, од увидот во здравствената евиденција и медицинска документација за детето, како и изјави на здравствените работници кои учествувале во лекувањето, констатирана била фактичка состојба. Од ДСЗИ рекоа дека се работи за тригодишно дете од Кавадарци, родено во јануари 2021 година. Детето било со неколку коморбидитети, поради што во повеќе наврати било лекувано во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и ЈЗУ УК за детски болести Скопје. На 3 јуни во пет часот, детето било донесено во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци од страна на неговите родители, прегледано од дежурен доктор, специјалист по детски болести, кој врз основа на прегледот и испитаните параметри, проценил дека нема потреба од хоспитализација. На инсистирање на родителите, бил издаден упат за ЈЗУ УК за детски болести Скопје, каде детето било однесено со сопствен превоз.

-Според изјавата на присутните здравствени работници во ЈЗУ УК за детски болести, детето било донесено во раните утрински часови околу осум часот директно на Оддел за кардиологија, без знаци на живот. Веднаш било однесено во Оддел за интензивна нега и реанимација, но детето не покажувало знаци за живот, утврдиле од Инспекторатот. 

Оттаму потсетија дека директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, формирал Комисија во состав од тројца доктори, за утврдување на материјална одговорност на здравствени работници кои учествувале во лекувањето на пациентот. Во тек било изготвување на извештај.

06.06.2025 - 13:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега