Филипче: Македонската интеграција во ЕУ е подалечна поради политиките на Владата
Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта, порача претседателот на Социјалдемократкиот сојуз, Венко Филипче.
На денешната прес-конференција тој истакна дека вчерашната одлука на Европскиот Парламент и усвојувањето на извештајот се резултат на опасно застранување од стратешките позиции на државата и злоупотребата на јазикот и идентитетските прашања на владата за сопствена политичка кампања.
-Тоа е исто така директен резултат на дипломатските импровизации и целосната негрижа на владата за зачувување на меѓународната позиција на државата. За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт, рече Филипче, додавајќи дека жално е нивото на несвесност за последиците и штетите од овие политики кои ѝ се прават на државата и граѓаните, како и несигурноста и апатијата што се создаваат.
Според него, по преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ наследила стабилна и јасна позиција во евроинтегративниот процес со загарантиран македонски јазик во Европската Унија и јасен пат за напредок, но, не ги остварила ниту едно од ветувањата за подобра преговарачка позиција.
-Ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно,рече Филипче.
Филипче порача дека македонскиот јазик, идентитет и нација се јасно признати и заштитени во рамките на Европската Унија, што е гарантирано преку Преговарачката рамка и договорите со ЕУ, каде македонскиот јазик се користи официјално. Тој нагласи дека овие прашања не се предмет на преговори, туку веќе се решени, и дека СДСМ, со поддршка од европски партнери, успешно се спротивставил на обиди за нивно оспорување. Според него, македонскиот народ има јасна визија за интеграција во ЕУ без отстапки од националното достоинство, со јасна цел – зачувување на јазикот и идентитетот.
Филипче ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи кој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски“ премиер, истакнувајќи дека такви изјави не се во духот на демократијата и добрососедството.
-Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи, рече Филипче.
Тој подвлече дека вистинскиот одговор на ваквите ситуации не се драматични изјави и конфронтации, туку сериозна и решителна дипломатска борба.
-Дипломатијата мора да се користи со цел да го извлечеме најдоброто за земјата. Да водиме напред, да ги отвориме преговорите – тоа е единствената иднина за земјата. Тоа сите го знаат. Меѓутоа, тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба, порача Филипче.
Во однос на повлекувањето од постоечките договори, тој посочи дека би било штетно за државата и дека тие треба да се користат како основа за натамошно градење на добрососедските односи. „Сметам дека не треба да се повлекуваме од договорите. Договорите се прават за да служат, да некои односи се надградуваат во духот на добрососедството, во духот на Копенхашките критериуми, во духот на Европа. Ништо нема да направиме ако се повлечеме од некој. Добро, треба да бидеме принципијални, да бидеме коректни. Нека гледа Европа ако има провокатори од другата страна. Наше ни е да покажеме дипломатско, фер добрососедско однесување,“ заврши Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа