Филипче: Новото задолжување од 6 милијарди евра е „амбис“ за Македонија, јавниот долг ќе надмине 115% од БДП

 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати сериозни предупредувања за нетранспарентноста на Договорот за новото задолжување од 6 милијарди евра, кое го спроведува владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
 
Тој укажа дека со новото задолжување, „секое новороденче во следните 25 години непосредно после раѓањето ќе должи 6.000 евра“.  Дополнително, според анализите на СДСМ, јавниот долг ќе надмине 115% од БДП – „што е полошо и од грчката криза од пред повеќе од една деценија“, потенцираше претседателот Филипче.
 
Филипче реагираше и на нејасните тврдењата на министерката за финансии.
 
„Очигледно е дека тие договори ќе бидат нетранспарентни и во четири очи. Министерката за финансии вели дека ќе се спроведува постапка согласно Законот за јавни набавки, но со странски фирми. Ние направивме проверка – нема да важи законот за јавни набавки“, истакна тој, посочувајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ, партијата која седум години критикуваше за корупциски договори, сега самата создава простор за сериозни сомнежи.“
 
„Сите гледаме што се случува, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во амбис“, порача Филипче.
 
Претседателот на СДСМ ја отвори и темата за можниот политички дел од договорот – миграцијата.
 
„Сериозни медиуми од Велика Британија известуваат дека земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, ќе станат центри за прифаќање бегалци непожелни во Велика Британија. А премиерот – молчи, нема став“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
22.05.2025 - 10:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега