(ФОТО) „Стар Форум“ доаѓа во Скопје: Бизнисот ќе дебатира за генерација З на пазарот на трудот

 

Генерација З до 2030 година ќе сочинува 30% од глобалната работна сила. Но, дали останатите генерации вистински ја разбираат првата дигитална генерација? Како комуницира ген. З, што очекува од работното место и колку се разликува од другите?

На овие прашања, низ дискусија ќе одговорат учесниците на „СТАРфорум“ – средба за сите засегнати страни вклучени во младинската работа и за оние кои сакаат подобро да ја разберат генерацијата З. Средбата ќе се случи во четврток, 19 јуни, со почеток во 11:30 часот во „Јавна соба“. Сите заинтересирани се поканети да присуствуваат на настанот. 

„Како можеме да ги претвориме предизвиците во работата со генерацијата З во значајни можности? Дали треба повторно да ги осмислиме нашите стилови на лидерство, динамиката на работното место и системите за поддршка во развојот на кариерата? На ‘СТАРфорум’ заеднички ќе ги истражиме клучните прашања: Како ќе изгледаат работата и кариерите за генерацијата З во иднина? Кои вештини ќе бидат најважни? Каква улога можат да имаат владите, образовните системи, граѓанското општество и приватниот сектор во поддршката на оваа генерација? Како можеме да создадеме работни средини кои поттикнуваат иновации, раст и задоволство?“, појаснуваат организаторите.

Форумот е наменет за обликување на конкретни мерки и активности за подобар кариерен развој и вработување на младите. Ќе се разменуваат искуства, ќе се започнат дијалози и креираат одржливи решенија.

Учесници ќе има од бизнис секторот, институциите, меѓународни проекти и граѓанското општество.

„СТАРфорум“ го организира Инкубатор за социјални иновации „Муња“ и регионалната платформа „Star study“, со поддршка од Фондацијата Отворено општество за Западен Балкан.

17.06.2025 - 17:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега