ИДФ погодиле складишта за ракети земја-земја во централен Иран

 

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека вчера погодиле складишта за ракети земја-земја во централен Иран, на околу 2.200 километри од израелската територија.

Портпаролот на Израелските одбранбени сили, Ефи Дефрин, изјави дека се погодени магацини во градот Јазд, објави Си-Ен-Ен.

-Во текот на целиот ден, продолживме да ги ослабуваме капацитетите на Иран, извршувајќи сеопфатен напад врз производствените погони на ракетите што ѝ припаѓаат на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, длабоко на територијата на Иран, рече Дефрин на прес-конференција.

Тој додаде дека нападите се дел од поширокиот напор за ослабување на иранската програма за оружје и ракетната индустрија на режимот во Техеран.

Израелските одбранбени сили претходно вчера објавија дека започнал нов бран напади врз Техеран и западен Иран.

Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, генерал-потполковник Ејал Замир, вчера изјави дека воената кампања против Иран е „далеку од завршена“ и дека Израел ќе продолжи да го напаѓа Иран во согласност со оперативниот план.

Тој додаде дека Израел е подготвен да продолжи со напади сè додека тоа е потребно, објави „Тајмс оф Израел“.

23.06.2025 - 09:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега