Индија нуди деескалација – но само доколку и Пакистан одговори на ист начин

 

Индија денеска соопшти дека извршила напади врз пакистански воени бази како одговор на ракетни напади од Пакистан врз индиски воени аеродроми во сојузната држава Пенџаб, но изрази подготвеност да се откаже од понатамошна ескалација доколку Пакистан покаже воздржаност.

На прес-конференција во Њу Делхи, полковник Софија Куреши изјави дека Пакистан, покрај воените цели, нападнал и здравствени установи и училишта на индиска територија.

– Пакистанските акции добија соодветен одговор, рече таа.

Претставникот на индиските воздухопловни сили, Вјомика Синг, додаде дека Индија извршила „прецизни удари“ исклучиво врз воени цели и нагласи дека земјата е посветена на деескалација, под услов Пакистан да постапи исто.

Сепак, Синг предупреди дека е забележано групирање на пакистански копнени сили долж границата, што укажува на можни планови за ескалација. „Индиските вооружени сили се во состојба на висока оперативна готовност“, додаде таа.

Пакистанските воени извори тврдат дека користеле ракети со среден дострел „Фатх“ за напади врз индиски ракетни складишта и воздухопловни бази во градовите Патанкот и Удампур. Пакистанскиот генерал-потполковник Ахмад Шариф ги отфрли индиските тврдења, нарекувајќи ги „провокација од највисок степен“. Пакистанската државна телевизија објави дека премиерот Шехбаз Шариф свикал состанок на Националното командно тело, но министерот за одбрана Хаџа Асиф подоцна демантираше дека таков состанок е планиран.

Главниот секретар на индиското Министерство за надворешни работи, Викрам Мисри, пакистанските акции ги оцени како „провокација“, а индискиот одговор како „сразмерен“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера разговарал со началникот на пакистанската армија Асим Мунир, повикувајќи на деескалација и нудејќи американска помош за започнување преговори. Групата Г7, исто така, повика на „максимална воздржаност“, предупредувајќи дека понатамошната ескалација претставува закана за регионалната стабилност.

10.05.2025 - 11:11

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега