Кузеска за убиството во Штип: Како е возможно турски државјанин да поседува пиштол
Безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена. Македонија гори од насилство, убиства по улици, криминал и безредие. Вчерашното убиство во Штип дополнително ја вознемири јавноста. Дивеење како на филм, за на крај да слушнеме за убиство на уште еден млад човек, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа праша како е возможно турски државјанин да поседува пиштол, чие е возилото со кое бегал и пукал дури и на патарина и кој го дозволил ова безредие или најточно кажано анархија?
Според неа, на македонските улици се случува општ хаос.
„Нема ден, а да нема убиство, тепачка – граѓаните стравуваат за својата безбедност – не е сигурно ниту на улица, ниту во кафе бар, ниту дома. Вчерашното убиство во Штип, во кафе бар, е само последно во низата убиства што се случија изминатава година и тоа јавно пред сведоци. Ова е доказ дека министерот за внатрешни работи Тошковски ја губи контролата врз безбедноста на државата“, изјави Кузеска.
Според неа, Тошковски не само што нема капацитет да се справи со криминалот и да ја гарантира безбедноста на граѓаните – туку и дозволува негово слободно ширење на улиците, па дури во полициските станици.
„За 10 месеци Македонија се претвори во Див Запад. Серија убиства се случија само во Скопје – убиство во Мавровка, Бит Пазар, Чаир, Шуто Оризари. Македонија се соочува со безбедносна криза. Министре Тошковски, уште убиства е потребно да се случат за да ви пропаботи совеста и да превземете одговорност.“, изјави Кузеска и додаде дека СДСМ бара целосно расветлување за убиство во Штип и одговорност за секој друг нерешен случај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа