Лефков: СДСМ е поврзан со бугарска антимакедонска пропаганда, финансиран од бугарски фондови
„До нас стигнаа информации кои укажуваат на јасна поврзаност на бугарската антимакедонска пропаганда и политички структури поврзани до и од СДС“, изјави денеска Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој тврди дека постои целосна поврзаност и соработка кон негирање на македонскиот идентитет и јазик, како и напад на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, кои, според него, се „единствена брана за македонските интереси“.
Лефков изнесе сериозни обвинувања, тврдејќи дека информациите говорат дека одредени кругови во СДСМ и блиски до нив, се целосно финансирани од бугарски фондови. Целта на ова финансирање е „оркестрирано измислување и ширење на лаги и конструкции за политичари од ВМРО-ДПМНЕ и државниот врв“.
„Ова што го зборуваме, многу јасно се гледа и од брзината со која фабрикациите за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски од бугарските медиуми, се шират во македонскиот етер од структури блиски до СДС“, нагласи Лефков.
Како поткрепа на оваа „антимакедонска пропаганда“, Лефков ја посочи „скриената за јавноста позиција“ на Венко Филипче, дека ќе прифати внесување на Бугарите во Уставот, без било какви барања.
Според ВМРО-ДПМНЕ, целта на целиот напад и акција е да се нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, а во игра се и пари. Тие сметаат дека СДСМ се обидува да се наметне како фактор во целиот процес, од кој подоцна би зависела надворешната политика на државата.
„Ваквата пропаганда покажува само едно, а тоа е дека СДС нема намера да се наметне со програма на избори, туку својата безидејност ја заменува со распродажба на македонските интереси, обидувајќи се да одигра на страната на Бугарија“, заклучи Лефков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа