Манасиевски: Економијата почна да заздравува и да се стабилизира

 


Измина една година од формирањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа прва година, наш главен фокус и приоритет беше економијата, која се базира на факти, долгорочни политики и јасна визија за иднината, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Кога ја презедовме одговорноста, наследивме економија во пад, со висока инфлација, зголемен јавен долг и демотивирана деловна заедница. Денес, состојбата е поинаква. Економијата почна да заздравува и да се стабилизира.

Инфлацијата е ставена под контрола изнесува околу 3%. Обезбедивме финансиска поддршка од 500 милиони евра – 250 милиони евра за домашните компании и 250 милиони евра за општините, за реализација на капитални проекти и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, додава тој.

Во првиот квартал од оваа година, како што појасни, БДП порасна за 3,2%. Според овие податоци, како што рече, Македонија се наоѓа на 4-то место во Европа според растот на БДП – веднаш зад Ирска, Данска и Полска.

„Исто така, оваа година забележавме рекордно ниво на странски директни инвестиции, 1 милијарда и 255 милиони евра. Платите растат. Забележливо е зголемување на платите во јавната администрација, здравството, образованието, културата и полицијата.

Ја стабилизиравме и фискалната состојба. Целосно е отплатена еврообврзницата издадена во 2018 година во вредност од 500 милиони евра. Првпат по седум години, јавниот долг е намален. Истовремено, буџетскиот дефицит е намален за 4% од БДП“.

27.06.2025 - 13:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега