Меџити: Сите позиции на Алијанса за Албанците остануваат за „Вреди“

 


По излегувањето на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари од Владата и од коалицијата „Вреди“ сите места отстапени на албанскиот владин партнер остануваат за коалицијата „Вреди“. Министерот за животна средина Изет Меџити вели веќе се подготвуваат за кадровските измени.

„Првин треба да ја констатираме оставката на Таравари. Она што е битно, сите позиции што ги има Алијансата за Албанците ќе останат во рамките на ‘Вреди’. Ќе направиме анализа, ќе ги дадеме најдобрите и најподготвени за тие позиции“, рече министерот Меџити денес при посетата на Чаир, каде што почнаа градежни работи за нов водоводен и канализациски систем на улицата Дижонска и нејзините краци.

Најавата за оставка само од Таравари, за Меџити е доказ дека Таравари сам ја донел одлуката да не остане во „Вреди“ и да излезе од Владата.

„Тоа што самиот најавува оставка, но не и за другите функционери, покажува и докажува дека има донесено одлука, која не кореспондира со членството и со структурите на партијата. Има видливи поделби и веќе ги гледаме. Секојдневно има разни размислувања, непочитување на одлуката на претседателот, несфатлива им е одлуката, затоа веќе е видлива поделбата во Алијансата за Албанците“, рече министерот Меџити.

Меџити очекува прелевање на членството од Алијансата за Албанците во „Вреди“ оти одлуката на Таравари се покажало дека е од лични побуди.

15.05.2025 - 14:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега