МЕПСО: Пристигна новиот 400/110 киловолтен трансформатор во ТС Дуброво
Во Трансформаторската станица (ТС) Дуброво денеска беше успешно испорачан новиот 400/110 киловолтниот трансформатор. Овој капитален проект е дел од пошироката програма за модернизација, зајакнување и развој на електроенергетската инфраструктура на АД МЕПСО. Новиот уред, како што велат од енергетската компанија, значително ќе придонесе кон постабилно и поефикасно снабдување со електрична енергија за домаќинствата и стопанските субјекти во регионот, бидејќи со него ќе се подобрат напонските прилики и ќе се зголеми доверливоста на ТС Дуброво.
ОД АД МЕПСО најавуваат дека во наредните денови ќе започне процесот на инсталација и интеграција на трансформаторот во системот, по што ќе биде пуштен во функција.
-ТС Дуброво е клучен енергетски јазол во електроенергетскиот систем во земјава, а новиот трансформатор ќе овозможи непречено функционирање на системот во наредните 30-40 години. Дополнително, оваа инвестиција ќе создаде подобри услови за интеграција на обновливи извори на енергија, велат од МЕПСО.
Трансформаторот, додаваат, е произведен од реномираната компанија Астор од Турција согласно највисоките технички и безбедносни стандарди.
-Со инсталирањето на овој трансформатор, како и на трансформаторот во ТС Битола 2, АД МЕПСО успешно заокружува два стратешки проекти кои се од круцијално значење за стабилизирање на работата на 400 и 110 киловолтно ниво. Овие инвестиции директно придонесуваат за минимизирање на ризиците од испади и дефекти, како и за зголемување на доверливоста на системот и непречено преземање на електрична енергија од страна на потрошувачите, посочуваат од АД МЕПСО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа