Мицкоски: Едно е факт, двете агенции се занимавале со мене, новинари, бизнисмени
Едно е факт, дека двете Агенции и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за Национална безбедност темелно се занимавале со претседателот на, во тоа време, најголемата опозициска партија, т.е. со мене. Меѓудругото, и со новинари, бизнисмени.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кажа дека сега сѐ е во рацете на правосудните органи.
-Еве, да оставиме периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите во еден судски процес, рече Мицкоски.
Вели дека, барем за прислушувањето на неговиот телефон, не бил изненаден.
-Јас сум навикнат. Еве, истекува осмата година откако сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Навикнат сум на таков тип на луѓе. И не ме изненадува тоа, бидејќи и тогаш стигаа до нас информации, што сѐ се случува. Едноставно, таков тип на луѓе, јас би ги нарекол, полусвет, немаат во животот доволно мотив да се занимаваат со убави работи, па се занимаваат со туѓите животи, мислејќи дека на тој начин ќе добијат некаква пофалба, некаква предност кај нивните наредбодавски. И не ќе напредуваат во своите кариери, рече Мицкоски.
Очекува, како што ги нарече, „овие глодари“ да завршат зад решетки.
-И еднаш за закогаш да се стави крај на злоупотребата на ваков тип на Агенции и ресурсите со коишто тие располагаат, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа