Муцунски во Таормина: ЕУ-интеграцијата е генерациска заложба, но очекуваме предвидлив процес без идентитетски отстапки

 


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, вчера и денес учествуваше и се обрати на министерската конференција по повод одбележувањето на 70-годишнината од Конференцијата во Месина, која се одржа во Таормина, Италија. Конференцијата ги обедини министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство.

Во своето обраќање, министерот Муцунски подвлече дека процесот на интеграција на земјата во ЕУ претставува генерациска заложба и сеопфатен потфат за општествена трансформација и демократски и социоекономски напредок.

„За нас, членството во ЕУ е генерациска инвестиција – наш најамбициозен проект на трансформација, преку кој нашата демократија созрева, економијата расте, а општеството станува поправедно и поотпорно. Улогата на европската интеграција отсекогаш била клучна – двигател на промените и засилена соработка меѓу нас и со нашите европски соседи. Искрено верувам дека за нас и за регионот, тоа е единствениот одржлив пат што може да гарантира мир, просперитет и демократски напредок.“, истакна Муцунски.

Тој ја реафирмираше цврстата посветеност на земјата кон забрзување на евроинтегративниот процес со цел стекнување полноправно членство во ЕУ, во согласност со јасно дефинираните пристапни критериуми и стандарди.

„Европската ориентација и вредности на нашето општество се јасни, и покрај бројните предизвици и неправди во текот на нашето децениско патување. Она што сега го очекуваме е предвидлив процес на пристапување – патека што ќе ни овозможи да ја постигнеме целта врз основа на јасни критериуми и заслуги, а не на билатерализација и идентитетски отстапки“, додаде тој.

Муцунски ја потенцираше и важноста од поголема предвидливост и динамика во интеграцијата на Северна Македонија и земјите од регионот во ЕУ, укажувајќи на потребата од уште поголема одлучност и единство на европско ниво во актуелниот геополитички контекст.

Во рамки на дводневната конференција беше усвоена и заедничка декларација со која се потврдува стратешката важност на проширувањето на Унијата како инструмент за стабилност, раст и соработка на континентот и во неговото соседство.

19.06.2025 - 14:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега