Потегот на сурогат мајката го воодушеви светот
Малиот Геми се бори да преживее, откако австралискиот пар одби да го преземе од сурогат мајката затоа што пати од Даунов синдром.
- Го сакам како да е мој, не го давам на никој, вели Патарамон Џанбуа (21) од Тајланд, која пред шест месеци го донесе на свет болното дете.
Таа добила 16.000 долари од Австралијанците кои ја најмиле да им роди дете. Кога дознале дека носи близнаци, идните родители биле пресреќни и и ветиле дека ќе и платат уште неколку илјади долари. Меѓутоа, во четвртиот месец од бременоста докторите утврдиле дека едно од бебињата пати од Даунов синдром. Австралијанците сакале Патарамон да абортира, а кога одбила, одлучиле да го прифатат само здравото девојче и да го отфрлат болното момче.
Бебето моментално се наоѓа во болница во Банкок, а Патарамон е постојано крај него.
- Се плашам дека Геми нема да преживее. Има сериозна инфекција на белите дробови и докторите му даваат мали шанси, кажува младата жена.
Откако австралискиот пар си отишол дома со сестрата на Геми, сурогат мајката ветила дека ќе се грижи за момчето. Во тоа ќе и помогнат великодушните донации од странците кои досега собрале 182.000 долари за лечењето на Геми.
- Ова е грешка на возрасните која детето не треба да ја плаќа. Ќе се потрудам да се опорави и да има убав живот, вели Патарамон, која има уште две деца.
Таа ги советува другите жени да не ја прифаќаат улогата на сурогат мајки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа