Сиљановска-Давкова: Саемот на книгата е обид за културен натпревар на народите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати и официјално го отвори 37-миот Саем на книгата 2025, најголемиот книжевен настан во земјава којшто под мотото „Храна за душа“, се одржува од 8 до 14 мај во Скопје.
Таа нагласи дека токму Саемот е обид за културен натпревар на народите и рече „со писателите и поетите како сојузници, ние сме подготвени за културен натпревар во Европа и во светот“.
Претседателката потсети на фактот дека иако не сме дел од ЕУ, наши автори биле во 10-те наградени: Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Петaр Андоновски и Ненад Јолдески. „Тоа е нашиот доказ дека ние културно отсекогаш сме биле дел од Европа“, рече таа и повика на културен, а не на некултурен натпревар.
Укажувајќи дека културата, образованието и науката се полиња на рамноправност, каде што нема мали и големи, Сиљановска-Давкова рече дека откажувањето од читање, значи откажување од размислување и ако така продолжиме, тоа ќе не доведе до духовен и интелектуален банкрот.
Сиљановска-Давкова истакна дека младите треба не само да читаат, туку и критички да размислуваат и повика на создавање на „Дом на книгата“, како трајно културно засолниште за идните генерации.
Прогласувајќи го Саемот за книгата за отворен таа го цитираше и Петре М. Андреевски кој нè предупреди дека, ако го загубиме односот кон книгата, ќе го загубиме човечкиот идентитет
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа