Ѓорѓиевски на одбележувањето на празникот Свети Еремија: Празник на единство и пријателство во Кисела Вода
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вчера присуствуваше на одбележувањето на празникот Свети Еремија, во рамки на кое се одржа и Меѓународниот детски фестивал „Цветови“. Настанот се одржа кај манастирот посветен на светецот, каде што со звуците на детската песна, фолклорот и богатата културна програма, се испрати порака на единство, пријателство и духовна поврзаност.
- Со особена чест и радост денес ве поздравувам овде, на ова големо културно случување – Меѓународниот детски фестивал „Цветови“, кој веќе две децении ги обединува децата и културите од целиот свет преку игра, песна и традиција.
Фестивалот, кој се одржува токму денес, кога се чествува Свети Еремија, не е само празник на фолклорот – тој е сведок на нашата историја, нашата духовност и заедничката волја да ги чуваме вредностите кои не дефинираат како народ. Нашата култура и вера се темелите врз кои ја градиме иднината.
Овде, во овој дел на општината, се наоѓа еден од белезите на нашето културно и духовно наследство – манастирот каде што денес го одбележуваме овој настан. И затоа, дозволете ми од сѐ срце да им се заблагодарам на мештаните, на луѓето кои живеат овде, што со децении со љубов и посветеност се грижат за овој простор, го одржуваат и го збогатуваат – за сите нас, и за генерациите што доаѓаат.
Како локална самоуправа, остануваме посветени на унапредувањето и зачувувањето на ваквите свети и значајни места. Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник го помогнавме партерното уредување на манастирот каде што сме денес, а ја поддржавме и иницијативата за поставување на Крстот во непосредна близина.
Неговата симболика е длабоко значајна - тој е симбол на надеж, на сила, на вера, на единство и мир и тоа се пораките кои сакаме да ги пренесеме до секој посетител кој ќе дојде на ова место, сега или во иднина.
Благодарност упатувам и до организаторите – ансамблот „Никола Јонков Вапцаров“, што со својата визија и енергија го одржуваат фестивалот жив и го прават сѐ попрепознатлив, не само кај нас, туку и надвор од границите на Македонија.
Нека овој фестивал биде симбол на пријателството, на нераскинливата врска меѓу традицијата и иднината, меѓу различноста и заедништвото-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски во своето обраќање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа