Пониски сметки и заштеда на енергија: Нови ЕУ правила за електрични апарати
Европската Унија воведе нови стандарди за ограничување на потрошувачката на енергија од страна на електричните апарати, чија цел е заштеда на струја и пониски сметки за потрошувачите, информира денеска портпаролката на ЕК за климатска акција и енергија Ана-Кајза Итконен.
– Ажурираните ограничувања за потрошувачка на енергија на електричните апарати во режим на подготвеност почнаа да се применуваат низ цела ЕУ на 9 мај, истакна Итконен.
Според неа, овие правила ќе се применуваат на новите производи, како Ви-Фи рутери и безжични звучници, пласирани на пазарот во ЕУ по 9 мај.
Ваквите мерки се воведени поради фактот дека повеќето електрични апарати се уште користат електрична енергија, дури и кога се исклучени или во режим на подготвеност.
Се проценува дека овие мерки ќе и овозможат на ЕУ да заштеди годишно 4 терават часови електрична енергија до 2030 година, што е речиси двојно повеќе од годишната потрошувачка на струја на Малта и доволно за напојување на повеќе од еден милион електромобили.
Со овие мерки се очекува емисиите на јаглерод диоксид да се намалат за 1,4 милиони тони, како и да им се овозможи на европските домаќинства вкупна годишна заштеда од 530 милиони евра поради пониските сметки за струја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа