СОС Детско село: 8.000 деца во Македонија се во ризик

 

 


За жал, статистичките податоци покажуваат дека околу 8.000 деца во моментов во државата се наоѓаат во разни ризици. Затоа и ние имаме полни раце работа, изјави националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо, на денешната прес-конференција по повод Меѓународниот ден на семејството – 15 мај.

– Семејството е основна клетка на секое општество и темелот врз што се гради секој човечки живот. Тоа не е само заедница, туку првата и најважната средина за правилниот развој на детето. Во семејството, тоа го гради својот идентитет, тоа учи како да им верува на другите, како да се справува со светот околу себе. Семејните љубов и стабилност се незаменливи во оформувањето на здрави, самоуверени, одговорни млади луѓе, рече Гапо.


 

Таа кажа дека пред скоро 25 години започнала нивната приказна, а во 2022 година се згрижило првото дете во СОС Детско село.

За сите овие години имале поддржано над 5.600 деца, семејства, млади и претворени многу солзи во многу насмевки.

– Во моментов работиме и поддржуваме 86 згрижувачки семејства во рамки на што се сместени 158 деца, исто така четири младински куќи, програма за млади каде се згрижени 28 млади од 14 до 18-годишна возраст, значи без родители и родителска грижа и 52 биолошки семејства во рамки на што има 152 деца преку нашата програма за позитивно родителство. Во државата има вкупно околу 380 згрижувачки семејства со 660 корисници, појасни таа.

На прес-конференцијата беше најавен првиот „Media takeover day“ во државава и премиера на хуманитарната песна „Насмевка“, создадена од Игор Атанасоски – Гуру Харе, со поддршка од 10 македонски музички ѕвезди. 

14.05.2025 - 14:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега