Средба Славевски-Бјорн Габриел: Зајакнување на партнерството
Во просториите на Народната банка се одржа првата официјална средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава, Бјорн Габриел. Средбата беше по повод новиот мандат на гувернерот Славески и како можност за освежување на дијалогот и разгледување на досегашната и понатамошната соработка помеѓу двете институции, информираат од Народната банка.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, додаваат, соговорниците разговаралке за активностите на ЕИБ во земјава, како и за досегашната поддршка што Европската инвестициска банка ја обезбедува преку инструментите за финансирање и техничката помош наменета за развој на економската инфраструктура и приватниот сектор.
-Особено внимание беше посветено на ангажманот на ЕИБ за поддршка на малите и средните претпријатија, преку кофинансирање и кредитни линии во соработка со Развојната банка на Северна Македонија и деловните банки. Од 2009 година наваму, ЕИБ со 650 милиони евра поддржа над 2.500 компании и помогна во задржувањето на 140.000 работни места во земјата, се вели во денешното соопштение од Народната банка.
Гувернерот Славески изразил благодарност за долгогодишната соработка со ЕИБ и ја нагласил важноста на посветеноста на ЕИБ на реалната економија, како и поддршката на приоритетните проекти коишто носат долгорочен развој. Притоа, тој истакнал дека Народната банка и во иднина ќе ги поддржува иницијативите насочени кон стабилноста на финансискиот систем и неговата подготвеност за справување со ризиците.
ЕИБ ја потврдил подготвеноста за натамошна соработка со македонските институции, особено преку обезбедување стручна поддршка и советодавни услуги за подобрување на пристапот до финансии во рамките на Програмата за зелени финансиски системи и Водичот за декарбонизација, поттикнување инвестиции и унапредување на институционалните капацитети којшто ќе биде објавен наскоро.
Средбата била оценета како значаен чекор кон продлабочување на партнерството помеѓу Народната банка и Европската инвестициска банка заради заедничка поддршка на развојните процеси во економијата на земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа