Тошковски: Mора да има одговорност за трагедијата во „Пулс

 


Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека мора да има одговорност за трагедијата во „Пулс“ за која што во денешниот отчет за првата година од мандатот посочи дека МВР почна најголема истрага која резултирала со кривични пријави против десетици сторители меѓу кои и поранешни и актуелни министри, директори, градоначалници, раководители на институции, полициски службеници и други носители на функции.

- За жал, изминатата година ни се случи најголемата трагедија во поновата македонска историја, пожарот во „Пулс“ во која изгубивме 62 млади животи, а над 200 беа поредени. За разлика од минатото кога по такви трагични настани немало ниту една кривична пријава поднесено од МВР сега МВР почна најголема истрага досега која резултираше со поднесување на повеќе кривичи пријави против десетици сторители меѓу коишто има и поранешни и актуелни министри, директори, градоначалници, раководители на институции, полициски службеници и други носители на функции. Одговорност мора да има, рече Тошковски, во отчетот за сработеното во изминатата година. 

Потсети дека МВР покрај постојната асистенција  на повредените неодамна го стави на располагање и целосно реновираниот комплекс на Пониква каде што веќе се врши рехабилитација на дел од повредените во пожарот.

Тошковски во отчетот оцени дека сега имаме Министерство за внатрешни работи коешто реагира и полиција што е видлива на терен, но, како што рече, имаме уште многу работа.

- Криминалот и корупцијата се предизвици со кои постојано се соочуваме. Се уште има мрежи, интереси, структури, коишто сакаат да го задржат нивното статус кво. Но, повеќе не им оди така како што им одеше порано затоа што сега МВР им служи на граѓаните и имаме раководство кое не молчи и делува решително, наведе Тошковски.

Изминатата година бил само првиот чекор, поставени се темели и ред и сега, рече, почнува вистинската битка за систем кој нема да се поколнува пред нечии интереси за политика што значи ред, правда и одговорост и за држава  што има капацитет да расчисти кога е потребно, да гради каде што недостига и да покаже сила кога граѓаните тоа го очекуваат. 

Тошковски наведе дека во изминатата година разбиле 14 организирани криминални групи, со над 200 сторители, а меѓу нив и група која беше вмешана во девет убиства, изнуди, палења и напади врз полицијата. 

Во борбата против корупцијата соопшти дека поднеле кривични пријави против 107 физички и 18 правни лица за корупција во здравството, енергетика, даночниот систем па дури и безбедносниот систем. Овие коруптивни шеми наведе дека резултирале со штета на државата од над 17 милијарди денари.

- МВР има преземено процесни дејствија со кои се надевам дека во иднина ќе се овозможат услови овие пари да бидат вратени на граѓаните, рече Тошковски. 

Тој најави дека таа борба допрва ќе расте и како што нагласи, секој кој се осмелил да краде од народот ќе се соочи со одговорност.

Во борбата против дрогата откриле над 860 кривични дела и заплениле над 430 килограми наркотици, меѓу кои рекордни количини кокаин, спречиле три обиди за меѓународен шверц и откриле злоупотреби кај компании за произвдоство на канабис, од кои одзеле над шест тони марихуана. 

Ова, смета министерот, покажува дека нема недопирливи и дека правдата ќе стигне до секого, без разлика на име и преземе или функција.

05.07.2025 - 10:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега