Аврамовски: Наместо пари за питијади и ајваријади, општините да инвестираат во паркинзи
Либерално-демократската партија (ЛДП) упатува јавен повик до општините ширум државата: да престанат со расфрлање на јавните средства за еднодневни настани и манифестации како што се питијади, ајваријади, скара фестови и слични пригоди.
„Наместо тоа, ги повикуваме општинските власти да ги насочат парите кон проекти кои навистина значат подобар живот за граѓаните: повеќе јавни паркинг места, повеќе зеленило и паркови, подобри услови во градинките и училиштата. Јавните финансии мора да се трошат одговорно и домаќински“, вели во изјава за медиумите портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски.
На граѓаните не им требаат свечености еднаш годишно, посочува Аврамовски, туку чист воздух, безбедни улици, функционални училишта и паркинг решенија секој ден.
„ЛДП стои на ставот дека локалната самоуправа треба да покаже зрелост и визија. Затоа ги повикуваме сите градоначалници и советници: наместо да се натпреваруваат кој ќе донесе поголема музичка ѕвезда или ќе организира поголема питијада – да се натпреваруваат кој ќе реализира повеќе конкретни, видливи и одржливи проекти за своите сограѓани“, заклучува Аврамовски.
Парите од буџетот се пари од граѓаните и треба да им се вратат преку инвестиции што ќе го подобрат нивниот секојдневен живот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа