Бектеши е во куќен притвор

 


Обвинителството до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор за екс-министерот Крешник Бектеши и за поранешниот државен секретар во економија, Чекиќ Дуровиќ, а за 18 други е предложено продолжување на претходно определени мерки. По предлoзите на обвинителството ќе одлучува Судот.

Обвинителскиот тим кој постапува во предметот за трагедијата во “Пулс” привршува со распитот на сведоци. Информираат и дека интензивно се работи на повеќе вештачења и се вкрстуваат податоците од анализите на обезбедените електронски уреди.

Претходно претседателот на Судски совет, Александар Камбовски соопшти дека судијка од Велес ќе биде префрлена во судот во Кочани – Ова како што рече, нема да го реши  проблемот со недостиг на судии во градот, но ќе ја ублажи состојбата.

На Фејсбук страницата со Крешник Бектеши (meKreshnikBekteshin) е објавено дека Крешник се враќа кај своето семејство – достоинствено, стоички и непобедлив, како што знае секој што одблиску го познава неговиот карактер и каузите за кои се борел. Неправедно одделен од слободата, тој никогаш не беше одвоен од вистината.

„Секој изминат ден докажуваше дека обвинувањата не беа ништо повеќе од клевета насочена кон една чесна јавна личност, која со години е моќен глас на вистината и правдата. Иако Крешник денес е ослободен од затвор, ова не претставува амнестија, ниту доказ дека правосудниот систем функционира правично. Напротив, оваа задоцнета слобода е јасен потсетник дека тој беше и останува жртва на длабока неправда. Неговото ослободување не го брише фактот дека бил држен во затвор без правда, во процес кој, повеќе од правда, покажа како еден систем може да ја злоупотреби моќта за да ги потисне искрените гласови. Овој настан не е крај на битката, туку повик да се потсетиме дека вистинската правда не е само ослободување на невин човек, туку и казнување на оние кои неправедно го држеле зад решетки. Крешник не беше скршен. Ниту неправедното затворање, ниту машинеријата на политичка клевета не го понижија. Денес се враќа посилен, појасен и поодлучен од кога било. Затоа што кога стоиш на вистинската страна од историјата, ништо не може да те запре. Им се заблагодаруваме на сите оние кои не се повлекоа – пријатели, добронамерници, чесни граѓани – кои застанаа покрај неговото семејство, кои не дозволија неговиот лик да избледи, туку го држеа високо, како што заслужува. Денес е само почеток на целосното воспоставување на правдата“, пишува на ФБ страницата.

15.05.2025 - 15:05

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега