Бура го затвори аеродромот во Будимпешта

 

 

Поради бура на меѓународниот аеродром „Лист Ференц“ во Будимпешта попладнево е во прекин воздушниот сообраќај над Унгарија.

Холот за заминување на Терминалот 2А беше делумно поплавен, па зградата беше евакуирана. Нема повредени, а проценката на штетите е во тек, објави унгарскиот портал Индекс.

Според неименуван извор кој работи на аеродромот во Будимпешта, бурата не го урна покривот, но системот за противпожарен аларм бил оштетен, поради што некои од прозорците за итни случаи на покривот се отвориле автоматски, дождот го поплавил терминалот и тој морал да биде евакуиран.

Според првичните проценки, на терминалот не е предизвикана значителна материјална штета.

Проблемот е посериозен на пистите, каде што бурата донесе многу ѓубре и остатоци. Контролата на штетите и чистењето се започнати, но аеродромот во моментов ниту прифаќа авиони, ниту авионите можат да полетуваат од аеродромот.

Истовремено, во прекин беше сообраќајот на осум од 11-те железнички линии во Унгарија. Поради дефект на надземните водови, возовите се запрени на сите главни линии, а патниците се превезуваат со автобуси.

HungaroMet издаде портокалово и црвено предупредување за неколку области поради ризик од силни грмотевици во текот на денот. Покрај тоа, предупредување од ниво еден или два е на сила за неколку окрузи до полноќ.

Дождливото време може да биде придружено со бурни налети на ветер, а може да падне и град.

07.07.2025 - 20:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега