Директорка и службеници од МОН осомничени за проневера од 32 милиони денари за превоз на ученици
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка на средно училиште од Куманово, шест вработени во Министерството за образование и наука, две правни лица од Куманово и нивните сопственици за злоупотреба на постапката за доделување договор за превоз на ученици
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Т. – поранешна директорка ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, против правно лице од Куманово за превоз на патници и сопственикот Д.П., против В.Д., Д.Б., В.В., Ј.В., Д.Т. и Н.К., сите од Скопје, вработени во Министерството за образование против Б.С. – управителка на правното лице.
Првопријавената В.Т., во текот на учебната 2022/2023 и во текот на учебната 2023/2024 година, додека траела реконструкцијата на училиштето и не се изведувала настава со физичко присуство на ученици, во два наврати спровела отворени постапки за доделување на договор за јавна набавка на услуга – превоз на ученици, во кои постапки било изберено пријавеното превозно претпријатие од Куманово, застапувано од пријавениот Д.П. од Кумнаово, како единствен понудувач и носител на набавката. Д.П., потоа заедно со пријавената В.Т. изготвиле лажни записници за квалитетно и навремено извршена услуга, кои ги потпишале двајцата, па врз основа на лажните записници Д.П. изготвил лажни фактури во кои биле внесени невистинити податоци и како такви биле доставени до Министерството за образование и наука.
Доставените фактури биле одобрени и исплатени од четвртопријавената В.Д., петтoпријавената Д.Б, шестопријавената В.В., седмопријавената Ј.В., осмопријавената Д.Т. и деветтопријавената Н.К.. и покрај тоа што знаеле дека училиштето се реконструира и наставата се одвива без физичко присуство на ученици и наставници. Додека пак пријавената С.Б. – управител на правното лице за книговодствени услуги од Куманово, иако знаела дека изготвените фактури се со невистинита содржина и не се поткрепени со никаква друга задолжителна пропратна документација предвидена со закон, сепак ги книжела во финансиските книги на правното лице за превоз на патници.
На тој начин, сите пријавени им овозможиле на пријавениот Д.П. и правно лице за превоз на патници од Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 32.620.123 денари на штета на буџетот на РСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа