Директорот на БЈБ во посета на СВР Велес
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, денеска во СВР Велес имал серија работни состаноци со раководството на овој Сектор за внатрешни работи, како и со претставници и одговорни лица од релевантните институции од областа на безбедноста во сообраќајот.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, работните средби биле фокусирани на унапредување на сообраќајната и општата безбедност во државата и регионот на Велес, со аналитички осврт во делот на тековните состојби во безбедноста на сообраќајот, при што биле предложени низа конкретни насоки за поефикасна акција.
Јанев се осврнал на состојбата на патиштата ширум земјава, оценувајќи ја како сериозна, со сѐ позачестени тешки сообраќајни незгоди, дел од нив и со загубени човечки животи. Посочил дека покрај потребата од засилена меѓуинституционална координација, неопходно е засилување на секојдневната реакција на терен.
Според Јанев, суштинско е почитувањето на сообраќајните правила и прописи да стане културна и етичка матрица на поведение, како во интерес на личната безбедност, така и во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа