Дубровник Форум 2025: Учество на министерот Муцунски на работна вечера посветена на Украина

 

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, присуствуваше на работна вечера посветена на Украина – важен политички формат на кој, како регион, уште еднаш беше потврдена силната и недвосмислена поддршка за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, во согласност со принципите на меѓународното право.

Во своето обраќање, министерот Муцунски јасно ја истакна континуираната поддршка и солидарност што Република Северна Македонија ја дава за Украина, како и подготвеноста да продолжи со оваа поддршка и во иднина, во партнерство со сојузниците. Посебно го поздрави усвојувањето на заедничката декларација со која беа потврдени заложбите за итно запирање на воените дејствија, пронаоѓање решение преку дипломатски преговори, ревитализација на енергетскиот сектор на Украина, како и обезбедување одговорност за извршените злосторства преку неодамна формираниот Специјален трибунал за злосторство на агресија против Украина.

Министерот Муцунски истакна дека Северна Македонија останува цврсто определена за поддршка на Украина и нејзините напори за зачувување на слободата, демократијата и европските вредности. Во своето обраќање изрази увереност дека состаноци во ваков регионален формат можат да бидат од голема корист за Украина, особено во контекст на определување на следните чекори што би воделе кон постигнување праведен и траен мировен договор и ставање крај на руската агресија.

Инаку, Дубровник Форум изгради репутација на значајна платформа за меѓународен дијалог, нудејќи простор за размена на ставови и дебата за најважните геополитички и безбедносни предизвици. Секоја година, темите на форумот се поставуваат во контекст на актуелните глобални случувања, придонесувајќи кон формирање на посигурен, поправеден и поконструктивен меѓународен поредок.

На маргите на форумот, министерот Муцунски оствари одвоени билатерални средби со своите колеги – шефовите на дипломатија на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ; на Косово, Доника Гервала-Шварц; на Грузија, Мака Бочоришвили; и на Молдавија, Михај Попшои.

13.07.2025 - 11:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега