ЕУ отвори нови прекршочни постапки против Бугарија

 


Европската комисија денеска отвори нови прекршочни постапки против неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои и Бугарија, поради доцнење со усогласување со европското законодавство, јави БТА. Конкретно, против Бугарија се покренати три постапки – за прекршување на санкциите на ЕУ, за безбедност во транспортот и за промоција на обновливите извори на енергија.

Во првата постапка, Комисијата ги повика сите земји членки, вклучително и Бугарија, целосно да ги спроведат правилата за криминализација на прекршувањето на санкциите на ЕУ. За ова прашање, отвори постапки против 18 држави, кои сѐ уште не известиле за потребните мерки. Според ЕК, усогласувањето на националните кривични законодавства ќе овозможи поефикасно гонење на прекршителите, особено по воведувањето на санкции поради руската агресија врз Украина. Државите имаа рок до 20 мај да ги усогласат прописите. Сега имаат два месеца да одговорат на официјалните писма на Комисијата, по што може да следува мотивирано мислење како следна фаза во постапката.

Втората постапка се однесува на безбедноста при транспорт на опасни материи по пат, железница и внатрешни пловни патишта. Постапки се покренати против девет држави – вклучувајќи ја и Бугарија – поради нецелосно транспонирање на новите правила, чиј краен рок истече на 30 јуни. Промените се воведени за да се усогласат со најновите меѓународни стандарди и научни податоци, и се применуваат за внатрешниот и меѓународниот транспорт во ЕУ.

Третата постапка е насочена кон 26 земји, меѓу кои и Бугарија, поради доцнење со примена на изменетите правила за поттикнување на обновливите извори на енергија. Новите правила, кои требаше да се имплементираат до 21 мај, имаат за цел забрзано воведување на чисти извори на енергија, особено во греењето, транспортот и индустријата. Се промовира и електрификација и користење на „зелен“ водород. Комисијата нагласува дека над 75 проценти од емисиите на стакленички гасови во ЕУ доаѓаат од енергетиката. Единствено Данска целосно ги има спроведено правилата. И овде државите имаат рок од два месеца за одговор.

24.07.2025 - 16:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега