(ФОТО) Ужас во Гевгелија: Свирепо мачење штрк, „Анима мунди“ бара итна реакција
„Анима мунди“ извести за случај на страшно малтретирање и повредување штрк од страна на група деца.
„Според сведочења на очевидци, кои велат дека постојат и видеоснимки од безбедносни камери, се потврдува дека се работи за свесен и суров чин на насилство врз диво и кревко младо животно, што завршило со сериозни повреди.
Овој настан не смее да помине незабележано, ниту неказнето. Насилството врз животните мора јасно да се препознае и третира како психопатологија и сериозна социјална девијација. Децата што извршиле ваков чин се жртви на општествената незаинтересираност и на игноранцијата, но и потенцијален ризик за себеси и околината доколку не бидат веднаш опфатени со психолошка и воспитна интервенција“, велат од „Анима мунди“.
Од таму бараат итна реакција од надлежните институции.
„Детаљна истрага и одговорност од родителите и/или старателите; психолошка процена и работа со децата што учествувале во чинот; активирање на сите законските механизми за заштита на животните; јавна осуда на настанот од образовните институции и локалната самоуправа.
Нема оправдување за насилство, ниту изговор за молк. Секоја форма на насилство мора да се превенира, осуди и санкционира.
Затоа што оној што денес малтретира животно – утре ќе повреди човек“, додаваат од „Анима мунди“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа