Десет уапсени, 90 повредени: Прекинат фудбалски натпревар

 

Десет лица се повредени, а 90 уапсени во судирите меѓу навивачите на аргентинскиот Индепендиенте и чилеанскиот Универсидад де Чиле во реваншот од осминафиналето на Копа Судамерикана во средата вечер, соопштија денеска аргентинскиот клуб и полицијата во Буенос Аирес.

Натпреварот мораше да биде прекинат во 48 минута при резултат 1-1 поради судир на трибините на стадионот Авеланеда, јужно од Буенос Аирес. Во првиот натпревар од ова второ по ранг клупско натпреварување во Јужна Америка, зад престижниот Копа Либертадорес, Универсидад де Чиле победи со 1-0.

Јужноамериканската фудбалска конфедерација (Конмебол) дополнително објави дека натпреварот е прекинат „поради недостатокот на безбедносни гаранции од страна на домаќините и локалните безбедносни власти“.

„Имаме 90 лица приведени пред стадионот затоа што се обиделе да предизвикаат немири“, изјави извор од Министерството за безбедност. Портпарол на Индепендиенте рече дека десет лица се повредени.

Чилеанскиот амбасадор во Аргентина, Хозе Антонио Виера-Гало, изјави за чилеанската радиостаница „Кооператива ФМ“ дека некои се здобиле со „убодни рани“.

„Најмалку едно лице е сериозно повредено, но неговата националност не е позната“, додаде тој.

До инцидентите дојде кога чилеанските навивачи почнаа да фрлаат предмети, вклучувајќи столчиња и рачно изработена бомба, во долните и страничните трибини каде беа сместени аргентинските навивачи, кои потоа ги фрлија назад.

Во хаосот, и без каква и да е интервенција од безбедносните сили, аргентинските навивачи се искачија на горните трибини за да ги нападнат чилеанските навивачи, а фотографиите споделени на социјалните медиуми покажуваат луѓе кои се пресметуваат со стапови и палки

21.08.2025 - 16:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега