Им пукал во грб – ФБИ со детали за убиството на двајцата вработени во израелската амбасада во Вашингтон

 

Откако двајцата вработени во израелската амбасада во Вашингтон излегле од музејот, напаѓачот се разминал со нив, а потоа им пукал во грб. Паднале на земјата, а тој се наведнал над нив и продолжил да пука. Ова се деталите од убиството на двајцата вработени во израелската амбасада во Вашингтон што ги изнесе Федералното истражно биро (ФБИ), а пренесува „Скај њуз“. 

Елиас Родригез (31) е обвинет за убиство Јарон Лишински и Сара Лин Милграм, вработени во израелската амбасада во Вашингтон и млад пар што наскоро планирал веридба.

На видеата при неговото апсење се гледа како Родригез, по потекло од Чикаго, извикува:

„Слобода, слобода за Палестина!“

Американските власти го истражуваат ова убиство како чин на омраза кон еврејската заедница, но и како тероризам.

ФБИ во обвинението наведува дека снимките од безбедносните камери го покажуваат убиството на Сара и Јарон Лишински.

„Елиас Родригез бил виден на видео како поминува покрај двојката откако го напуштиле музејот, а потоа им пука во грб. Откако паднале на земја, Родригез се наведнал над нив и испукал уште неколку куршуми“, се вели во соопштението од ФБИ.

Потоа, се гледа како Сара се обидува да стане, но Родригез повторно пука во неа.

Нејасно е дали осомничениот ги познавал двајцата или каква врска можеби имал со нив.

Според Канцеларијата на американскиот обвинител, осомничениот е обвинет по две точки од првостепено убиство. Покрај тоа, Родригез е обвинет за убиство на странски службени лица, предизвикување смрт со огнено оружје и пукање со огнено оружје во насилно кривично дело.

Според ФБИ, осомничениот не му е познат на бирото, но проценките се дека Родригез дошол во Вашингтон на работна конференција еден ден пред да го изврши убиството.

23.05.2025 - 10:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега