Падна поранешен директор на Јавно претпријатие во Струмица - набавувал вреќи за отпад без јавна набавка

 

Струмичката полиција поднесе кривична пријава против 56-годишниот З.Г. од Струмица поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување во времето кога бил директор на ЈП за комунална дејност од Струмица.

„З.Г., поранешен директор на Јавно претпријатие за комунална дејност од Струмица, во текот на 2022 година за потребите на јавното претпријатие по фактури набавил вреќи за отпад од правно лице од Струмица за цена во вкупен износ од 1.239.000 денари, а во 2023 година, исто така, набавил вреќи за отпад за цена во вкупен износ од 1.872.660 денари.

Ваквите набавки ги извршил без да се спроведе постапка за јавна набавка и конкурс за избор на идејно решение, односно постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.

Исто така, пријавениот како директор на јавното претпријатие бил должен да предложи годишен план за јавни набавки и да донесе одлука за набавка на средства за работењето на претпријатието, меѓутоа тоа не го сторил, со што постапил спротивно на член 34 од Статутот на претпријатието“, информираат од полицијата.

Со таквите дејствија С.Г. овозможил правното лице од Струмица да се стекне со против правна имотна корист во вкупен износ од 3.111.660 денари.

23.05.2025 - 14:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега