Иран: Нема преговори додека траат нападите од САД

 

Иран нема да се врати на дипломатски преговори со САД сè додека Вашингтон не се откаже од понатамошни напади врз ирански цели, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт Раванчи во интервју за Би-Би-Си.

Слушаме дека САД сакаат разговори, но засега нема ни датум, ни јасни услови, рече Раванчи.

– Не можеме да преговараме додека се плашиме од нови акти на агресија, дополни тој.

Според него, САД се уште не ја разјасниле својата позиција, иако Иран бил информиран дека Вашингтон не планира насилно да го менува режимот во Техеран.

Во изминатите недели, Израел започна воздушна офанзива врз ирански цели, во која беа убиени високи воени и научни кадри. САД ѝ се приклучија на офанзивата и ноќта меѓу 21 и 22 јуни изведоа напади врз три ирански нуклеарни постројки.

Примирје стапи во сила на 24 јуни по 12 дена размена на удари, наложено од американскиот претседател Доналд Трамп, кој предупреди дека ќе следат нови напади ако Иран збогатува ураниум до ниво што овозможува производство на нуклеарно оружје.

Раванчи подвлече дека Иран има право да обогатува ураниум до 60 проценти за мирољубиви цели.

– Да се тврди дека мора да имаме нула збогатување или ќе бидеме бомбардирани – тоа е закон на џунглата, истакна тој.

30.06.2025 - 23:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега