Лавров го пофали Трамп, ги критикува Европејците
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека за време на руско-американскиот самит во Алјаска станало јасно дека американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим искрено сакаат да постигнат долгорочен и траен мир во Украина.
Рускиот врвен дипломат рече дека атмосферата на средбата Трамп-Путин била добра.
-Таму (во Алјаска) имаше добра атмосфера. И тоа се одрази во изјавите што ги дадоа претседателите Путин и Трамп по разговорите. Дефинитивно беше корисен разговор. Беше јасно дека американскиот шеф на држава и неговиот тим искрено сакаат да постигнат резултат кој ќе биде долгорочен, траен и сигурен, рече Лавров.
Тој направи паралела помеѓу, според неговите зборови, конструктивната позиција на Соединетите Американски Држави и онаа на Европа, чии најистакнати лидери учествуваа на вчерашната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и Трамп во Белата куќа.
-Ставот на САД се разликува од оној на Европејците, кои во тој момент на секој агол изјавуваа дека е потребно само прекин на огнот, а потоа ќе продолжат да снабдуваат оружје за Украина, додаде Лавров.
„Претседателот Трамп и неговиот тим, особено по состанокот во Алјаска, почнаа многу подлабоко да навлегуваат во решавањето на оваа криза, разбирајќи дека нејзините корени мора да се елиминираат – нешто што претседателот Путин постојано го повторува“, додаде министерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа