Љутков во Рим: Балканот има шанса да стане обединета дестинација

 


Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, учествува на првиот министерски форум „Поврзување на дестинациите: Италија – Балкан туристички форум“ („Bridging Destinations: Italy – The Balkans Tourism Forum“), што денеска се одржува во Рим, Италија.

На форумот, на кој учествуваат министри за туризам од Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, Грција,  Црна Гора и од Македонија, како и претставници на бизнис секторот од Италија, се одржаа неколку панел-дискусии посветени на создавање нови заеднички туристички програми, производи и иницијативи за подобро интегрирање на балканскиот и медитеранскиот туристички простор.

Во своето обраќање, министерот Љутков пред присутните ја нагласи потребата од регионална интеграција во туризмот, потенцирајќи дека Балканот треба да се гледа како единствена туристичка целина, а не како изолиран пазар.

„Туризмот е многу повеќе од економија, тоа е мост што ги поврзува луѓето, културите и историјата. Балканот има шанса да стане обединета дестинација која ќе нуди уникатно, автентично и мултинационално искуство“, истакна Љутков.

Тој предложи Балканот да се вклучи како образовна рута во италијанскиот едукативен систем, преку организирање екскурзии за ученици и студенти кои би се запознале со културното наследство на регионот и би ја продлабочиле врската меѓу Италија и земјите од Југоисточна Европа.

Министерот ја промовираше и идејата за создавање нови заеднички програми, продукти, проекти кои би ги обединиле земјите од регионот и Италија како една дестинација. Во тој контекст, како конкретна иницијатива, тој предложи  соработка во рамките на проектот  „По стапките на славните Римјани“, кој ќе ги поврзе историските и археолошките локалитети од Македонија, од Балканот и од Италија, а со цел да се привлечат туристи од глобалниот пазар, особено од Азија, Америка и од Блискиот Исток.

 Министерот Љутков потенцираше дека Македонија нуди препознатливо, автентично и културно богато туристичко искуство што е во тесна врска со интересите на италијанските патници, особено оние што бараат историја, авантура и култура. Тој ги посочи локалитетите Стоби, Таор и Охрид како силни туристички адути на Македонија, особено привлечни за љубителите на античката историја и културен туризам, додека Вевчани и Крушево ги издвои како успешни примери за одржлив и зелен туризам.

„Со визија, почит и креативност, можеме да го претвориме културното наследство во вистински двигател на одржлив туризам и европска поврзаност.  Заедно со Италија, можеме да изградиме не само мостови меѓу дестинациите, културите туку и меѓу народите“, порача Љутков.

Инаку форумот, кој е во организација на Министерството за туризам на Италија, има цел да поттикне соработка и стратешко позиционирање на Италија и земјите од Балканот како единствена туристичка дестинација.  Учеството на Македонија, пак, претставува значаен чекор кон нејзино поинтензивно интегрирање во регионалните и европските туристички текови, поголема видливост на македонската туристичка понуда, зајакнување на институционалната соработка, пристап до добра практика,  како и позиционирање на земјава како дел од една поширока европска туристичка приказна.

18.07.2025 - 13:44

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега