Мицкоски: Средбата за Коридорот 8 исклучително успешна, тунелот Ѓуешево-Деве Баир ќе биде заеднички проект финансиран од ЕУ

 


Премиерот, Христијан Мицкоски средбата во Брисел меѓу двете делегации на Македонија и на Бугарија за доизградба на железничката пруга од Коридорот 8 и заедничкиот тунел ја оцени како исклучително успешна. 

 - Очекувам дека овие средби ќе резултираат со следниов резултат: Ние да ја завршиме делницата од пругата Коридорот 8 од Крива Паланка до влезот во тунелот, од излезот на тунелот до приклучувањето со постоечката пруга, тоа се два или три километри, да се направи проект и тоа да го реализира Бугарија, како држава, вклучително и модернизација на целокупната пруга од Ѓуешево до Софија, а тунелот да биде заеднички проект, којшто ќе биде финансиран од страна на Европската унија, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за постигнаттиот договор во Брисел за железниката пруга со Бугарија, која е дел од Коридорот 8.

Тој посочи дека  ова се отприлика концептите, кон кои треба да конвертира решението и како што рече „јас сум задоволен, што покажуваме дека можеме да изградиме конзенсус, кога станува збор за заедничкиот интерес“.

Министерството за транспорт соопшти денеска дека  во Брисел се одржал состанок на кој присуствувале Државниот секретар на Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов, а во организација на Валентина Суперти, директор за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство (ДГ ЕНЕСТ). Во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договориле да формираат работни групи кои до крајот на месец јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.

17.07.2025 - 13:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега