Муцунски во посета на Германија: Фокус на економската и политичката соработка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре ќе престојува во работна посета на германската покраина Северна Рајна – Вестфалија, на покана на министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на покраината, Натанаел Лимински.
Во рамки на посетата, Муцунски ќе се сретне со својот домаќин Лимински, а на средбата ќе присуствува и државниот секретар во министерството, Марк Шпајх.
Како што информираат од МНРНТ, разговорите ќе бидат насочени кон унапредување на политичката и економската соработка, како и кон поддршката за европската перспектива на државата. Муцунски ќе се сретне и со претставници на македонската дијаспора, а ќе ја посети и црквата „Св. Петка“ во Диселдорф, како дел од посветеноста кон нашата заедница во Германија.
-Целта на посетата е интензивирање на севкупните односи со покраината Северна Рајна – Вестфалија, продолжување на билатералната соработка во рамки на Заедничката декларација за намери потпишана во 2021 година, како и реафирмирање на поддршката од оваа германска покраина за нашиот пат кон Европската Унија, соопштуваат од МНРНТ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа