Нека ни е вечна Република Македонија: Битола го одбележува Илинден

 

По повод големиот државен празник Илинден, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со делегација од Советот на општина Битола, претставници на Сојузот на борци и политичките партии, положија свежо цвеќе пред споменикот на двата Илиндена кај Центарот за култура и пред Споменикот на илинденците во храмот „Света Недела“. Со овој чин беше оддадена почит на сите кои со својата жртва ја извојуваа слободата што ја живееме денес.

По повод празникот, градоначалникот Коњановски упати честитка до граѓаните, посакувајќи низ идеалите на нашите Илинденци, да ги надминеме предизвиците на денешнината и да продолжиме да создаваме подобра иднина и сигурност за новите генерации:

„Пред 122 години започна востанието кое ги постави темелите на нашата борба за слобода, а пред 81 година АСНОМ ја зацврсти идејата за независна држава. Денес го славиме Илинден – симбол на заедништво, храброст и истрајност. Од Илинденското востание и Крушевската република, преку Првото заседание на АСНОМ, до денешната независна Македонија, ја чуваме заветната мисла на нашите херои: државата се гради со љубов, посветеност и борба за заедничка иднина. Со почит кон сите што го положија животот за Македонија, наша должност е нивните идеали да ги преточиме во дела – преку почит, разбирање и единство, да создадеме посилна и посигурна татковина за идните генерации. Нека ни е честит Илинден! Нека ни е вечна Република Македонија!“, посака во честитката, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

02.08.2025 - 12:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега