Во Виетнам 11 лица осудени на смрт поради трговија со дрога
Суд во Виетнам осуди 11 лица, меѓу кои и двајца полицајци, на смртна казна поради трговија со дрога на границата со Лаос, објавија локалните медиуми.
По дводневното судење, судот во Ханој ги прогласи обвинетите за виновни за шверц на околу 140 килограми наркотици, вклучувајќи метамфетамин и таблети, во 2019 година, пренесе „ВНЕкспрес“. Водачот на наркокартелот, 42-годишна жена, е осудена на доживотен затвор бидејќи моментално се грижи за бебе.
Виетнам во мај ја укина смртната казна за осум кривични дела, вклучувајќи активности против власта, шпионажа и примање мито, но трговијата со дрога сè уште подлежи на оваа казна. Од 2013 година, погубувањата во земјата се извршуваат со смртоносна инјекција, наместо со стрелање.
Минатата година, Виетнам осуди над 150 лица на смрт, од кои над 80 отсто за дела поврзани со дрога. Според годишниот извештај на „Амнести Интернешнл“, кон крајот на 2024 година, над 1.200 лица ја очекувале смртната казна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа