Перински од Гевгелија: Владата постави стратешка рамка за одржлив локален развој
Денеска во Гевгелија започна дводневната меѓународна конференција за регионален развој, организирана од Министерството за локална самоуправа, на тема „Регионалниот развој во динамично променлив свет – Иднината започнува локално: Новата визија за одржлив и рамномерен развој“.
На свеченото отворање се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман. „Иднината не започнува глобално и централно – иднината започнува локално,“ порача премиерот Мицкоски, нагласувајќи дека темелите на стабилна и успешна држава се поставуваат преку силни локални заедници.
Тој информираше дека Владата обезбедила 250 милиони евраза капитални проекти во општините, како дел од најголемата досега директна поддршка од државниот буџет за локален развој. Одобрени се 829 проекти со вкупна вредност од речиси 14 милијарди денари – главно насочени кон инфраструктура и заштита на животната средина. „Секоја општина добива шанса. Секој град и секое село добива можност да се развива. И тоа не е случајно – тоа е резултат на системски пристап и јасна визија,“ додаде премиерот, потенцирајќи дека вистинската европска иднина започнува токму од рамномерниот регионален развој.
Министерот Перински истакна дека одговорноста на институциите е да изградат држава отпорна на предизвици. „Регионалната рамнотежа не значи само распределба на средства. Таа значи создавање еднакви шанси за развој, без разлика дали живеете во голем град или во рурална средина и значи развој што ги почитува локалните ресурси и ги вклучува граѓаните“, истакна министерот Перински , кој посочи дека преку целосна посветеност на Владата и премиерот, преземен е одлучен чекор.
„Започнавме со реални вложувања во инфраструктура и ја поставивме рамката за стратешки, рамномерен развој на државата. Ова е комплексна тема што не зависи само од една институција, туку бара здружени и усогласени напори на повеќе ресори,“ додаде министерот. Амбасадорката Улман нагласи дека Швајцарија од 2012 година ја поддржува земјава во промовирањето на рамномерен регионален развој и добро управување.
„Крајната цел на нашата поддршка е сите граѓани, без оглед на тоа каде живеат, да имаат пристап до еднакви можности, јавни услуги и подобар квалитет на живот. Регионалниот развој е алатка за намалување на миграцијата, зајакнување на локалната економија и зголемување на отпорноста на климатските промени. Тој не е само политичка цел, туку предуслов за социјална кохезија и демократска стабилност,“ рече Улман, додавајќи дека оваа поддршка ќе придонесе и за побрза ЕУ-интеграција на земјата. Конференцијата продолжува со четири тематски панели: праведен раст, посилни региони, усогласување на политики и финансии за одржлив развој и дигитална трансформација.
Меѓу говорниците се министри, заменици министри, експерти, претставници од академската и бизнис заедницата, како и од локалната самоуправа. Фокусот е ставен на важноста од полицентричен и интегриран пристап кон развојот, клучен за справување со демографските предизвици и поддршка на руралните и помалите општини
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа