„Прогласена е кризна состојба“ – СМС порака која стигна до граѓаните е тест за масовно известување во кризни состојби
Во текот на попладневните часови, дел од граѓаните добија СМС порака со следната содржина: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите.”
Центарот за управување со крици информира дека ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен ‘cell broadcasting’ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации.
„ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација. Воведувањето на вакви системи е не само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби“, соопшти ЦУК.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа