Бујар Османи: Или сме со ЕУ или со српскиот свет – сива зона нема

 
Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, истакна дека земјата веќе ги има добиено сите неопходни гаранции од ЕУ и дека сега е време за одлучни чекори напред, а не за политички игри.
„Северна Македонија ги доби гаранциите во моментот кога ја дефинираше преговарачката рамка. Таму сите прашања се регулирани. Сега не треба да се злоупотребува темата за ЕУ,“ рече Османи.
Тој посочи дека европската перспектива на земјата е тесно поврзана со историските предизвици и притисоци од „српскиот свет“, кој и денес функционира како паралелен систем што ја саботира европската агенда.
„Сега има две опции – или си со ЕУ или си со српскиот свет, сива зона нема. Тие се меѓусебно поврзани. Секој што прави чекор кон ЕУ, се оттргнува од српскиот свет. И, дали сте забележале? Секој што прави чекор кон ЕУ станува цел на напади,“ изјави Османи.
Тој потсети и на историските настани што покажуваат колку е оваа дилема длабоко вкоренета:
„Знаете кога се случи атентатот врз Глигоров? Еден ден откако се врати од Белград и соопшти дека ќе се оттргнеме од Југославија. Знаете ли зошто секој обид за договор со Бугарија и со Грција, или за приближување на земјата кон ЕУ, наидува на демонизација и пропаганда? Затоа што секој чекор кон ЕУ е чекор на оттргнување од српскиот свет. Секој чекор назад е чекор кон српскиот свет.“ - рече Османи
На крајот Османи остро ја осуди политиката на актуелната влада, обвинувајќи ја за сервилност и блокада на европската перспектива:
„Оваа влада ја блокира европската перспектива, затоа сме претворени во бебе на српско-рускиот свет, кој ги има заробено сите инструменти.“ - заклучи тој.
06.09.2025 - 14:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега