Ахмети за Денот на независноста: Албанците сакаат унитарна, еднаква држава, интегрирана во НАТО и ЕУ
Годишнината од прогласувањето на независноста на Северна Македонија е секогаш повод да рефлектираме за тоа како беше, како е и како треба да биде.
Првиот човек на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети во соопштение вели погрешните политики кон Албанците завршиле во 2001 година.
-Уставот од 1974 година беше изменет во 1989 еднострано, со што Албанците беа лишени од државотворниот статус и овој момент претставува застојна пресвртница во земјата. Потоа, во 1991 година, Албанците повторно беа исклучени и не беа дел од процесот на осамостојувањето на Македонија од поранешна Југославија, ниту пак беа акционери во изградбата на новата држава. Така, беше изготвен дискриминаторски устав со кој се промовираше етничката супериорност на мнозинството врз Албанците и нивните заедници. Во тоа време, неодговорни политичари го пропагираа архаичниот наратив „Македонија на Македонците”. Се пропагираше постојаната невистина дека злото на земјата доаѓа од Албанците. Тие владееја неодговорно преку инсталирање на непостоечки страв од „опасноста што и се заканува” на земјата од Албанците. Овие погрешни политики завршија во 2001 година, кога Албанците и Македонците се здружија за да ја обноват Македонија, рамноправна и евроатлантска, преку спроведување на Охридскиот мировен договор, гарантиран од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, вели Ахмети.
Според него, моменталните партиски придобивки со антиалбанска камања претставуваат неуспех за заедничка држава.
-Новиот Устав, со сите политички препреки низ годините, беше основа за рамноправност, етничка, јазична, културна, образовна, со почитување на националните симболи и со распределба на општествените одговорности. Овој нов начин на размислување, на соживот, взаемно почитување и еднаквост, го спроведе Охридскиот договор, ја придружи земјата во НАТО и ги започна преговорите за членство во Европската Унија. Но, сограѓани, денес сведочиме заедно дека не само што се враќаме само на истиот наратив, туку и на секојдневни делувања, кои што го поткопуваат соживотот и Охридскиот Договор, меѓуетничките односи, еднаквоста и досегашните заеднички достигнувања. Моменталните партиски придобивки со антиалбанска кампања претставуваат неуспех за заедничката држава. Партијата добива, државата губи! Почитувани Македонци, никаква опасност, на ниту еден Македонец, а уште помалку на нашата држава, не и се заканува од еднаквоста со Албанците. Повторувам, Албанците сакаат унитарна, еднаква држава, интегрирана во НАТО и Европската Унија. Сè друго што го слушате постојано од Македонската политичка елита, е невистина. Оваа годишнина, ги поканувам македонските политички лидери од целиот политички спектар да ја напуштат политиката на инсталирање на погрешна перцепција кај Македонците за Албанците и соживотот, да демонстрираат лидерство, да се вратат на патот на почитувањето на политичката волја на нивните сограѓани Албанци на избори, да се залагаат за еднаквост и спроведување на духот на Охридскиот договор и заедно да го следиме европскиот пат, вели Ахмети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа