Општина Ѓорче Петров по серијата пожари: Кризниот штаб утврди мерки за поефикасна реакција

 


По серијата пожари што вчера зафатија неколку локации на територијата на општина Ѓорче Петров, утрово се одржа состанок на Општинскиот кризен штаб, на кој беа разгледани настаните, беа утврдени предизвиците на терен и беа донесени конкретни заклучоци за унапредување на координацијата и реакцијата при идни интервенции.

Во услови на силен ветер и отежнати временски услови, благодарение на навремената интервенција и целосната ангажираност на сите служби, пожарите беа локализирани без човечки жртви и со минимални материјални штети, велат од Општината.

„Во текот на целиот ден бев на терен и лично сведочев на пожртвуваноста и за организираноста на сите служби, како и на храброста и солидарноста на нашите сограѓани. Ѓорче покажа дека знае да се справи кога е најтешко. Сите заедно, како едно“, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.

На состанокот на Кризниот штаб беа донесени мерки за: поефикасна координација помеѓу институциите, побрза мобилизација на ресурси на терен, јасна комуникација и редовна проверка на потенцијално ризични подрачја.

Градоначалникот Стојкоски упати благодарност до Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната бригада на Град Скопје, Дирекцијата за заштита и спасување, како и до поединци и жители на општината, кои доброволно се вклучија со сопствена механизација и помош во гаснењето на огнот.

„Општина Ѓорче Петров останува целосно мобилизирана и будно ја следи состојбата на терен, со јасна определба за брза, навремена и сеопфатна заштита на граѓаните и јавните добра“.

10.07.2025 - 12:19

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега