СДСМ: Во Прилеп не е безбедно - Тошковски да си поднесе оставка
Со ВМРО-ДПМНЕ Прилеп стана небезбеден град, прилепчани не се безбедни во своите маала, улици, дворови. Целата јавност е потресена од трагедијата што викендов се случи во Прилеп. Случај што го открива дното до кое е доведена безбедносната состојба во градот, истакна на прес-конференција Петра Лукароска, претседателка на ОО СДСМ – Прилеп.
Овој монструозен чин ја потврдува суровата реалност: Прилеп е во сериозна безбедносна криза.
Граѓаните живеат во страв, а државата, институциите и полицијата во Прилеп се парализирани, неспособни и неми.
Последниот случај е само кулминација на безредието што подолго време владее во Прилеп, под „раководство“ на ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски’, оценува таа.
Како што посочи во последната година во Прилеп се запалени 24 возила, опожарен е ноќен клуб.
„Во дворови на куќи се фрлаат бомби и се поставуваат експлозивни направи.
Угостителските објекти се претворија во бојно поле – места на насилства, тепачки и оружени пресметки.
Во Центарот за социјална работа во Прилеп се случи инцидент со пукање, каде службеничка се здоби со прострелна рана.
Министерот Панче Тошковски и раководството на полицијата во Прилеп не само што не ги спречуваат овие инциденти, туку со својата незаинтересираност и неспособност ги охрабруваат“, додава таа.
Според неа, под нивно водство, МВР е паднато на колена, институциите се потчинети на партиски интереси, а граѓаните оставени сами на себе.
Прашува уште колку жртви треба да паднат за некој да понесе одговорност.
СДСМ, како што нагласи, бара оставка од министерот Панче Тошковски и итна одговорност од раководството на СВР Прилеп.
Бараат началникот и командирот веднаш да бидат разрешени
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа