Се шокирав дека 40 отсто од административците не работат, тоа не може ниту една економија, вели Сиљановска-Давкова
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека „шокирана е од изјавата на министерот Горан Минчев“ дека 40 отсто од вработените во администрацијата или ништо не работат или бараат начин како да не дојдат на работа.
-Се шокирав од изјавата на министерот Минчев, а претпоставував дека штом имате партиски вработувања, можно е тие да бидат само формални. Значи, имате вработен но нема работа. Ама дека 40 проценти луѓе може да не работат, а да бидат вработени, тоа навистина не го очекував. Тоа не може ниту една економија, дури ни европска, таму тоа е и незамисливо ... Значи, вие имате недостиг на ум, недостиг на работна сила, зашто тоа се фигури но не се движат, а од друга страна буџетот се празни. И оние кои сакаат да влезат и да работат, знаат и умеат, мора да си заминат точно поради ваквите, рече Сиљановска-Давкова во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Посочи дека токму од „бирократијата, од државната и јавната администрација“ зависи најмногу европската реформа, но оти не успеала ниту една.
-Ни една реформа не успеала. Не верувам дека имале политичка волја за европски промени луѓе кои дозволувале 40 проценти да земаат плата, а да не работат. Сте го виделе ли тоа некаде во некоја европска држава?, рече претседателката.
Прашана што мисли за тврдењата на ДУИ откако не е на власт дека се намалуваат правата на Албанците, таа одговори дека е „логично некој кој бил 20 години во власт, и сега не е во власта, така да зборува, но на опозицијата и личи да критикува“.
-Особено на опозицијата која предолго била на власт. Немам ништо против бидејќи е тоа вербално, бидејќи не е со закани и со сили, сѐ уште. Доколку тоа се напушти, тогаш доаѓа до делегитимирање, зашто демократијата значи со мирни средства, со критика, со проекти, предлози и поинакви решенија ќе трагате по подобра сегашност и подобра иднина, изјави Сиљановска-Давкова.
Како што рече, „доволно темни моменти се случија во оваа партија што беше своевидна демократска лекција“.
-Од црни листи до процеси, постапки итн., бегства во соседни држави на најголеми демократи. Не верувам дека некој ќе го ризикува политичкиот статус и можноста да биде фактор во процесот на одлучување, без оглед дали е тоа во власта или во опозицијата, за да посегне по употреба на сила или закана со сила. Не верувам, а се разбира и дека тоа никој нема да го прифати во Европската Унија, додаде претседателката на државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа