Стоилковиќ и Селаковиќ разговараа за унапредување на односите меѓу Македонија и Србија
Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со делегација од Република Србија, предводена од министерот за култура, г. Никола Селаковиќ. На средбата присуствуваше и амбасадорката на Р Србија во земјава, Н.Е. Невена Јовановиќ.
Во рамки на средбата беа разгледани повеќе актуелни прашања од заеднички интерес, со потенцијал за натамошно зајакнување на пријателските и традиционално добри односи меѓу двете земји. Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на стратешката соработка и развојот на партнерства во различни области, особено во контекст на капитални инвестиции и реализација на заеднички проекти од стратешко значење.
Двете страни разменија мислења и ставови и за тековните политички и економски состојби во двете држави и регионот, при што беше потенцирана подготвеноста за продолжување на редовниот политички дијалог на највисоко ниво. Воедно, беше нагласена важноста од координирани активности за поттикнување на демократскиот развој и забрзување на економската трансформација преку стабилна и одржлива меѓудржавна соработка.
На средбата беа разгледани и можностите за заеднички ангажман во иницијативи кои придонесуваат за унапредување на положбата на припадниците на немнозинските заедници, со акцент на образованието, културата, медиумската застапеност и дигиталната инклузија. Овие напори се во функција на градење инклузивно и кохезивно општество, засновано на еднаквост, почитување и заемна доверба.
Средбата беше оценета како значаен чекор кон унапредување на регионалната соработка и потврда на заедничката волја за продлабочување на билатералните односи преку конкретни и конструктивни иницијативи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа