„Вашингтон пост“: Пентагон планира формирање сили за брзо реагирање при нереди

 

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за создавање сили за брзо реагирање при нереди, објави весникот „Вашингтон пост“.

Овие сили би биле брзо распоредени во американските градови при протести и нереди, појаснува американското издание, повикувајќи се на внатрешни документи на Пентагон.

Планот предвидува 600 војници да бидат во состојба на готовност за транспорт до соодветното место за не повеќе од еден час. Тие ќе бидат поделени во две групи од по 300 војници и ќе бидат распоредени во воени бази во државите Алабама и Аризона.

Од документите станува јасно дека за одржување на овие сили за реагирање ќе бидат потребни стотици милиони долари, доколку за нивното функционирање се ангажираат воени авиони што ќе бидат постојано на располагање.

Документите содржат детална анализа на потенцијалните општествени последици од работата на ваквата програма.Програмата би можела да биде создадена најрано во фискалната 2027 година, доколку за неа се користи буџетското финансирање на Пентагон. Не е прецизирано дали таа би можела да започне порано доколку се користат алтернативни извори на финансирање.

Не е јасно дали проектот бил презентиран пред министерот за одбрана Пит Хегсет. Портпаролите на Пентагон одбија да коментираат, забележува „Вашингтон пост“.

12.08.2025 - 18:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега