Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, утре доаѓа во Скопје

 


Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, во рамки на турнејате низ Западниот Балкан, утре ќе престојува во Скопје. Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. 

Дополнително, Калас и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе го отворат првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година. 

Предвидено е и Калас во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски да ја посети постојаната Балканската медицинска работна група.

Од 2023 година, Советот на ЕУ усвои три билатерални пакети за поддршка во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕМФ) за зајакнување на капацитетите на Армијата на Северна Македонија. Со вкупно 38 милиони евра, ЕМФ во моментов ѝ обезбедува на Северна Македонија воена опрема и обука во областа на логистиката, инженерството, разузнавањето, надзорот и извидувањето и електронското војување, мобилноста, комуникациските и информациските системи, медицинската и опремата за обука. Земјава, исто така, е корисник на поддршката на ЕМФ во рамките на регионалната мерка за помош за Балканската медицинска наменска сила, во износ од шест милиони евра за обезбедување медицинска опрема и теренски болници.

Каја Калас, во рамки на посетата на Скопје, ќе има средби и со претставници на младински и студентски организации од земјава.

Пред да допатува во Скопје, Калас ќе ги посети Белград и Приштина.

Ова е втора посета на Калас на регионот по нејзиното преземање на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Целта на посетите е да се покаже посветеноста на ЕУ на Западниот Балкан и поддршката на перспективите на земјите од регионот за членство во Унијата, но и за зајакнување на нивните напори за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот.

22.05.2025 - 12:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега